АРНАУДОВ, Михаил

АРНАУДОВ, Михаил (Русе, 1878 – Софија, 1978) – истакнат бугарски научник – фолклорист, етнограф, литературен историчар, културолог, теоретичар. По машка лоза води потекло од Македонија (с. Вратница, Тетовско). Мошне плоден автор. Меѓу бројните негови студии, монографии, истражувања и огледи видно место заземаат монографијата за Миладиновци (1943 и 1969) и големата студија за Стефан Верковиќ и „Веда Словена” (1968). Средното образование го завршил во родниот град, високото во Софија, а подолга специјализација имал во Германија. Бил член на Бугарската академија на науките, ректор на Софискиот универзитет и претседател на Сојузот на писателите на Бугарија. Бил член и на Македонскиот научен институт во Софија и чест соработник во неговиот орган „Македонски преглед”. Автор е на богат фолклорен зборник на македонски народни песни од Тетовско, собрани во текот на Првата светска војна. Г. Т.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *