АРИСТОТЕЛ

АРИСТОТЕЛ (Стагира на Халкидик, 384 пр.н.е. – Халкис, Евбоја, 322/1 пр.н.е.) – филозоф што застапува цели области духовност, филозофија и наука. Расне во Пела, во престолнината на македонските кралеви, живее на дворот на македонскиот крал Аминта (татко му Никомах е дворски лекар), другарува со кралот Филип Ⅱ Македонски, учител му е на Александар Македонски; пријател и штитеник е на македонскиот војсководец, стратегот на Европа, Антипатар. Живее и работи многу години во Атина (како метек, без атинско граѓанско право), каде што го основа гимназионот Ликеј (Перипетат), под заштита на Александар Македонски и на Антипатар. По смртта на Александар е обвинет за безбожност, боготворење на тиранин и за македонофилство и принуден е да се повлече во Халкис на Евбоја, каде што умира (отпосле останките му се однесени во Стагира). Оставил многубројни ракописи, обработени и издадени од филологот Андроник од Родос; корпусот бил собран и пренесен во Александриската библиотека во времето на Птолемај Филаделф (285–247 г. пр.н.е.). По 20-годишен престој во Платоновата академија, во Атина ја основал својата филозофска школа Ликеј, позната и под името Перипатетичка (шетачка) школа. Бил обвинет за безбожништво и поради тоа ја напуштил Атина со зборовите: „За Атињаните повторно да не згрешат” (алудирајќи на Сократовото трагично погубување). Предмет на неговото интересирње биле сите подрачја на човековото тогашно знаење, а особено логиката, метафизиката, физиката, психологијата, етиката, поетиката, астрономијата, метеорологијата, зоологијата и др. Аристотел направил прва класификација на тогашните знаења во три групи: теориски (метафизика, физика, математика), практични (етика, политика, економија) и поетички (поетика, граматика, реторика). Логиката не ја сместил во оваа класификација зашто сметал дека таа е органон (инструмент) за филозофирање. Неговата логика е формална затоа што тој ги формулирал законите на логички коректното мислење. „Првата филозофија” (подоцна наречена метафизика) ги испитува последните, највисоки и најопшти принципи на сћ што постои. Предмет на првата филозофија се материјата, формата, движењето и целта. Наспроти Платон, Аристотел смета дека општото не постои надвор од поединечното. Поединечните ствари ја сочинуваат првата супстанција, што е најважна категорија од десетте категории со кои се опишува битието. Според мислењето на Аристотел, постојат два вида доблести: дианоетички (разумски) и етички (морални, воле-ви). Неговата аретологија се засновува врз принципот „златна средина”. Во политичката теорија го дефинира човекот како „политичко суштество” (зоон политикон) имајќи предвид дека човекот е рационално и општествено суштество. Значајна е и неговата естетичка теорија во која централно место зазема идејата за катарзис. БИБ.: Аристотел, Никомахова етика. Предговор и превод, Е. Колева, Скопје, 2003; Аристотел, Реторика. Прев. В. Томовска, Скопје, 2002; Политика. Прев. М. Бузалкова-Алексова, Скопје, 2006. Органон, Метафизика, Физика, За душата, За небото, Поетика и др. ЛИТ.: Ф. Коплстон, Историја филозофије, Грчка и Рим, Београд, 1991. В. Г.-П. и А. шук.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *