АНТРОПОГЕНИ ПОЧВИ

АНТРОПОГЕНИ ПОЧВИ. Антропосол – антропогена почва. Голема група почви што се разликуваат од природните почви по тоа што се образуваат под влијание на антропогениот фактор со процеси на антропогенизација. Се одликува со присуство на антропогени хоризонти или антропогени почвени материјали. Во оваа голема група почви спаѓаат шест почвени типа: ригосол, хортисол, ризосол, ирагричен антропосол, депосол и флотисол. Ригосол – риголувана почва. Се образува со риголување на природни почви, подлабоко од 60 цм. Се одликува со присуство на аричен (ригосоличен) хоризонт, кој лежи врз остатокот од солумот или врз супстратот на риголувани природни почви. Зафаќа површина од над 40.000 ха. На него се подигнати лозја, а помалку и овошни градини. Хортисол – градинарска почва. Антропогена почва, добиена со антропогено збогатување со органски материи на горниот дел на солумот на природните почви, главно во градинарството и цвеќарството. Дел од хортисолите се терасирани. Се одликува со присуство на хортичен хоризонт под кој се наоѓа долниот дел на солумот на природната почва. Се одликува со поголема плодност од природната почва од која настанал. Зафаќа мошне мали површини. Ризосол – оризова почва. Антропогена почва добиена со процеси на ризосолизација на разни типови природни почви на кои се одгледува ориз. Дел од ризосолите се колмирани или терасирани. Се одликува со присуство на хидраргичен хоризонт. Се користи за одгледување ориз. Зафаќа повеќе од 5.000 ха. Ирагричен антропосол – колмирана почва. Антропогена почва, која се одликува со присуство на ирагричен хоризонт. Се образува со долготрајно континуирано наводнување со вода богата со иригационен нанос, кој се таложи и колмира. Колмацијата најчесто се јавува заедно со ризосолизацијата при одгледувањето на ориз. Дел од нашите ризосоли се во исто време и колмирани почви. Депосол – антропогена почва, образувана со суво депонирање (нанесување) на геогени, педогени или техногени материјали во рудниците за јаглен, бакар и цинк, со разни земјени работи во градежништвото, водостопанството и во термоцентралите. Зафаќа мала површина (околу 2.000 ха). Депосолот добиен со нанесување јаловина во отворените копови за јаглен може со успех да се мелиорира (рекултивира). Флотисол – техногена антропогена почва, образувана од отпаден материјал, добиен со флотација на руда во рудниците и пренесен и наталожен со вода. Овој материјал е богат со олово и со цинк. Се одликува со присуство на токсични флотациони почвени материјали. Покрива сосем мали површини. ЛИТ.: Ѓ. Филиповски, Почвите на Република Македонија, Ⅵ. Антропогени почви (антропосоли), МАНУ, Скопје, 2004. Ѓ. Ф.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *