АНДРЕЕВА, Катина

АНДРЕЕВА, Катина (Тина) Кузманова (псевд. Цвета) (с. Мокрени, Костурско, 1928 – врв Кулкатурје, над Црноглава Падина, на Неретската Планина, меѓу селата Нерет и Трсје, Леринско, 13. Ⅴ 1949) – воен командир и херој на ДАГ. Во времето на Втората светска војна била член на Грчката антифашистичка младинска организација ЕПОН. Псевдонимот Цвета го добила поради толкувањето на истоимениот лик во драмската претстава „Македонска крвава свадба” од В. Чернодрински, изведена во с. Емборе, Кајларско (1944). Поради подоцнешното членување во НОМС и НОФ (од летото 1945), била уапсена и ѕверски мачена, но поради недостиг на докази била ослободена. Наскоро преминала во илегалство и станала борец на ДАГ (6. IX 1946). Го посетувала курсот за подофицери во с. Котелци на пл. Грамос (почетокот на 1947), а потоа како командир на вод учествувала во околу 90 борби на пл. Вичо, на Грамос, кај Сињача, кај Коњица и на други места. Како претставник на ⅩⅤⅠⅠⅠ бригада на ДАГ, била делегат и во претседателството на Првата конференција на Сегрчкиот сојуз на демократските жени (1949), а потоа и на Вториот конгрес како претставник на партизанките од Вичо. Загинала во напад за освојување на стратегиски врв. Двапати била одликувана со Орден за храброст и е прогласена за Херој на ДАГ. Во нејзина чест бригадното раководство го покренало издавањето на весникот „Цвета”. ЛИТ.: Фанија Буцкова, Хероината на Вичо и Грамос Тина Андреева-Цвета, „Историја”, IX, 2, Скопје, 1975, 34–42; Ташко Мамуровски, Светли ликови од Егејска Македонија 1945-1949, Скопје, 1987, 116–120; истиот, Храбра, но и весела партизанка. Едно потсетување на Тина Андреева-Цвета (1928-1949), „Македонија”, ЏЏЏИВ, 411, Скопје, јуни 1987, 25–26; истиот, Омилената партизанка. Тина Андреева-Цвета, хероината од Грамос и Вичо, „Одбрана”, Ⅲ, 16, Скопје, март–април 1995, 42. С. Мл. АНДРЕЕВА, Лилјана Николова