АНДРАГОГИЈА

АНДРАГОГИЈА – наука (теорија) за образованието и учењето на возрасните, чии почетоци датираат околу средината на ⅩⅠⅩ в. Во Македонија се развива заедно со развојот на образованието на возрасните како практична општествена дејност. Забрзан развој добива по отворањето на работничките универзитети во почетокот на педесеттите години на ⅩⅩ в., особено по воведувањето на предметот Андрагогија во наставниот план на Групата за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје (1962/63) и по доаѓањето на белградскиот професор (в.) д-р Боривој Самоловчев за предметен наставник. Тој ја организира и научноистражувачката дејност во оваа област кај нас. Во почетокот на 80-тите години на минатиот век се отвораат постдипломски андрагошки студии и се бранат првите докторски дисертации на андрагошки теми. Во рамките на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје постои посебна насока за оспособување високостручни кадри за работа во областа на образованието на возрасните. ЛИТ.: Филозофски факултет: 1946–1996, Скопје, 1996, 41-47. К. Камб.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *