АНГЕЛАРИЈ

АНГЕЛАРИЈ (Цветко Крстески) (с. Долнени, Прилепско, 25. Ⅲ / 7. Ⅳ 1911 – Дреновска Клисура, 15. Ⅵ 1986) – архиепископ, втор по ред поглавар на Македонска православна црква. Од свештеничко семејство. Се школувал во Долнени и во Прилеп. Средното богословско училиште го завршил во Битола (1932) и веднаш бил ракоположен во чин ѓакон. Работел како парох во с. Гари, Дебарско (до Ангелариј, архиепископ на МПЦ 1937 г.). Бил парохиски свештеник во црквата „Св. Благовештение” во Прилеп (1937–1961) и архиерејски намесник на Прилепското архиерејско намесништво. Учествувал во НОБ. Бил член на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ (1945) и член на Здружението на православното свештенство на НРМ. Учествувал во работата на Првиот црковнонароден собор во Скопје (1945) и на Свештеничката конференција (1946). Одликуван со црвен крст, потоа со граден крст (1959) и со највисокото свештеничко одликување протоереј-ставрофор. Бил назначен (1961) за парохиски свештеник при црквата „Св. Великомаченик Ѓорѓи” во квартот Фицрој во Мел-бурн, Австралија. Таму ја основал првата македонска православна црковна општина и била изградена првата македонска призната црква во дијаспората. По враќањето од Мелбурн (1964) работел во црквата „Св. Благовештение” во Прилеп. Од 1972 г. се замонашува. Бил устоличен за епископ Пелагониски (1975). За Дебарско-кичевски митрополит бил хиротонисан на 5. Ⅶ 1977 г., а за Охридски и Македонски архиепископ и скопски митрополит бил избран на 19. Ⅷ 1981 г. Поглавар на МПЦ бил не цели пет години, до несреќното упокојување. ЛИТ.: Н.П., Протоерејот-ставрофор Цветко Крстески замина во Мелбурн – Австралија, Весник на МПЦ, Ⅲ/6, Скопје, 1961; Така славеше Ангелариј архиепископ Охридски и Македонски. Приредил С. Пројкоски, Скопје, 2001. Ал. Тр.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *