АМНЕСТИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

АМНЕСТИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – акт во форма на закон со кој Собранието на РМ ги ослободува од гонење за кривични дела неопределен број лица или пак лицата ги ослободува целосно или делумно од натамошното издржување на казната или им ја заменува изречената казна со поблага казна. Во РМ беа донесени три закони за амнестија. Со првиот закон (Ⅱ 1999 г.) беа амнестирани 913 лица: потполно ослободување од издржување на казната затвор добија 4 лица; 412 лица беа ослободени за 25%; 350 лица за 15% и 147 лица за 10% од неиздржаниот дел на казната. Со вториот закон (Ⅲ 2002 г.) беше извршена целосна или делумна амнестија на 898 лица што учествуваа во војната во РМ од 2001 г.; целосна амнестија добија 164 лица, а преостанатите делумна. Со третиот закон ( Ⅵ 2003 г.) беа опфатени 265 лица за кои постоеше основано сомневање дека сториле кривични дела неотповикување на повик и одбегнување на воената служба, или самоволно оддалечување и бегство од оружените сили. ИЗВ.: Закон за амнестија (1999, 2002 и 2003 г.), Скопје, 2003. Гор. Л.-Б.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *