АДРИЈАНОВ, Георги

АДРИЈАНОВ, Георги (Белица, Разлошко, 14. Ⅻ 1897 – Банско, дек. 1931) – револуционер, комунист. Бил член на БКП во Пиринскиот дел од Македонија и деец на ВМРО(Об). Во Септемвриското востание (1923) бил командир на чета. Бил на студии во Франција и во Белгија (1925–1928). Во Виена (1928) имал средба со Владимир Поптомов и со Димитар Влахов и од нив ги добил инструкциите за понатамошната активност во ВМРО(Об). Бил киднапиран од терористи на ВМРО на Иван Михајлов (16. Ⅻ 1931), одведен во Банско и таму бил убиен. ЛИТ.: Георги Градинайн, Жертва на михайловизма. Белица крепост на комунизма в Пиринския край, Сборник от статии, спомени и очерци, София, 1967; Јордан Градинайн, Георги Адриянов. Зб. Пирински соколи, БКП, София, 1970. В. Јот.