АГОЛИ, Кемал

АГОЛИ, Кемал (Дебар, 1918 – Голи Оток, по 1948) – комунистички деец од албанско потекло. Како апсолвент по филозофија и педагогија, станал член на диверзантска група (октомври 1941), член на КПА и борец на партизански одред во Албанија (1942). Како заднински активист во Дебар (од крајот на 1942) бил уапсен и спроведен во затворот во Тирана. По капитулацијата на Италија (8. IX 1943) стапил во партизанскиот одред на Хаџи Леши, бил политички комесар на Првиот НОПО, политички комесар на баталјон на Првата македонскокосовска НОУ бригада (11. XI 1943) и политички комесар на Четвртата младинска НО шиптарска бригада (1944). Бил избран за делегат од Македонија за Второто заседание на АВНОЈ и делегат на Првото заседание на АСНОМ. По Ослободувањето бил член на Главниот одбор на НОФМ (1945) и др., по што бил осуден за непријателска дејност против ФНРЈ (1948). ЛИТ.: Кичево и Кичевско во НОВ 19411945. Документи, Кичево, 1985, 207, 324 и 395; Тетово и Тетовско во НОВ 19411945. (Материјали од научниот собир одржан на 20, 21 и 22 ноември 1985 година во Тетово и на Попова шапка), прва книга, Тетово, 1991; Димче Најчески, Голооточки сведоштва. Последици, зборник, Ⅲ, Скопје, 2006, 27. С. Мл.