АВРАМОВСКИ, Ристо

АВРАМОВСКИ, Ристо (с. Селце, Струшко, 20. Ⅷ 1943 – Скопје, 8. Ⅶ 2007) – композитор. Композиција учел во Скопје (Властимир Николовски) и во Белград (Енрико Јосиф). Еден од најистакнатите македонски композитори во последните три децении. Автор е на над сто дела од сите музички жанрови. Пишувал и филмска музика, музика за театарски претстави како и за радиодрами и телевизиски серии. Се занимавал и со публицистика, објавувајќи стручни текстови и музички рецензии. Неговото творештво произлегува главно од духовните простори на Македонија. Музичкиот јазик му е умерен и авторот речиси воопшто не се впуштал во експерименти, типични за музиката од втората половина на ⅩⅩ в. Делата на А. се изведувани во многу земји во светот, а најголем број од нив се снимени во Музичката продукција на МРТ. Член е на Сојузот на композиторите на Македонија, во неколку наврати негов претседател и секретар. Повеќе години ги водел Деновите на македонската музика, а бил и претседател на Управниот одбор на фестивалот Охридско лето. Во 2006 г. е избран за редовен член на МАНУ.

ДЕЛА: Библиофонија, за сифониски оркестар (1970); Психофонија Ⅰ (1972) и Психофонија Ⅱ (1974) за камерен оркестар; Концерт за пијано и оркестар (1990); 8 симфонии; ораториуми: Македонија, 1968; Повесница, 1977; две опери: Болен Дојчин (1982), Лидија од Македонија (2001); оркестарски композиции (Хармосин – Проколнатиот Византиец (2002) и др.); Туба мирум, за глас и оркестар (2005); Балкан-ски реквием (2005). М. Кол.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *