ИГУМЕНОВ, Спасе

ИГУМЕНОВ, Спасе (Прилеп, 50тите години на ⅩⅠⅩ в. – Охрид, околу почетокот на ⅩⅩ в.) – свештеник и преродбеник. Со неговиот избор за претседател на Прилепската црковно-училишна општина (2. Ⅳ 1884) било елиминирано егзархиското влијание. Бил иницијатор за потпишување на петиција од 26 прилепски првенци, во име на 1.200 прилепски семејства, за отфрлање на Бугарската егзархија и осамостојување во црковната општина на Македонско православно општество, со барање: „Сакаме да имаме македонско народно училиште. Би-дејќи ние не сме родум Бугари, затоа не познаваме ни Бугарска Ц(рковна) Општина и ни нивните училишта. За религиозна заштита го познаваме папата, но без измени на догмите на православната црква” (2. Ⅶ 1887). При својот престој во Цариград остварил контакти со српскиот идеолог и дипломат Стојан Новаковиќ, Цариградската патријаршија и со тамошниот папски викар, со барање за признавање на Македонската црковна општина во Прилеп. Но барањето им било прифатливо само без придавката македонска (1887), со што пак самиот тој не се согласил. При тој престој во Цариград се сретнал и со митрополитот Теодосиј Гологанов, тој го посоветувал да „причека додека да узреат условите за обнова на Охридската архиепископија, кога сите македонски епархии, под македонско име, ќе се осамостојат од туѓите верско-национални пропаганди во Македонија”. Според заедничката подоцнешна проценка, таквите услови се создале по неколку години, но нивната акција за остварување на тој план била попречена по интервенција на српскиот конзул во Скопје В. Кариќ и забраната од османлиските власти. Но и во таквите услови, тој продолжил да собира потписи од Пелагониската и Охридската епархија за пред Високата порта (17. Ⅹ 1891). ЛИТ.: Македонски деветнаесетти век 1800&1902, Скопје, 2007, 206, 224&227 и 254. С. Мл.