ВУЛИЌ, Никола

ВУЛИЌ, Никола (Скадар, 27. XI 1872 – Белград, 25. Ⅴ 1945) – класичен филолог и археолог. Дипломирал класична филологија и историја во Белград (1894), докторирал во Минхен (1896) и до 1938 г. бил професор на Универзитетот во Белград. Член е на САН (1921) и на неколку странски академии и институти. Автор на 550 научни трудови и одделни монографии. Посебно внимание му посветил на собирањето и евидентирањето на епиграфските камени споменици, што ги објавил во 8 книги кои сега се во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје. Од 1930 до 1934 г. ја ис-тражувал познатата некропола во Требеништа кај с. Горенци (Охридско). Открил 8 кнежевски гробови со богати прилози, од кои најпознати се: 2 маски, сандали, нараквица и накит од злато, бронзен кратер и луксузни керамички садови (што датираат од крајот на Ⅵ и почетокот наⅤв. пр.н.е.). Го истражува театарот во Скупи (1935–1937). Објавил и 2 листа од Археолошката карта на Југославија, кои се однесуваат на Прилеп, Битола и Кавадарци. БИБ.: Антички споменици наше земље, „Споменик СКА“, ЛЏЏИ, Београд, 1931; Нови гробови код Требеништа, „Споменик СКА“, ЛЏЏВИ, Београд, 1933, 59, 1–31; Нови гробови код Требеништа, „Споменик СКА“, ЛЏЏВИИ, 60, Београд, 1934, 85–104; Антички споменици наше земље, ЏЦВИИИ , Београд, 1948. Д. З.