ВУК-ПАВЛОВИЌ, Павао

ВУК-ПАВЛОВИЌ, Павао (Копривница, 9. Ⅱ 1894 – Загреб, 13. XI 1976) – филозоф, естетичар, поет и преведувач, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1958–1971), шеф на Катедрата по филозофија и основач на Естетичката лабораторија при Филозофскиот факултет во Скопје (1959). Еден од најзначајните хрватски филозофи, но и еден од неколкуте најголеми филозофски мислители на балканските простори во ХХ в. Студирал филозофија и естетика во Лајпциг (1912–1914), но поради војната студиите ги продолжува во Загреб, каде што докторирал (1921) со тезата за проблемот на евиденцијата во познанието. За доцент по филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб е избран во 1928 г., кога станува и дописен член на ЈАЗУ. Од 1958 до 1971 г. е професор по предметите: Естетика, Етика и Историја на античката и средновековната филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Вук-Павловиќ е автор на голем број дела од областа на филозофијата: „Спознаја и спознајна теорија” (1926), „Личност и одгој” (1932), „Оправдање вјере” (1933), „Спинозина наука” (1938), „Филозофије и свјетови” (1962), како и капиталното дело од областа на естетиката, напишано и објавено во Скопје „Основи естетике Ⅰ и Ⅱ” (1968/1970), а потоа во Загреб под насловот „Душевност и умјетност” (1976). Вук-Павловиќ е ав-тор и на неколку поетски дела, од кои две се објавени во Скопје: „Зов” (1964) и „Развалине” (1964). Влијанието на Вук-Павловиќ во формирањето на македонската филозофска мисла е огромно (Георги Старделов, Јонче Јосифовски, Кирил Темков и др.). Кирил Темков го подготви првиот избор од филозофското творештвото на Вук-Павловиќ на македонски јазик (1994). ЛИТ.: П. Вук-Павловиќ, Творештвото и музејската естетика (подг. К. Темков), Скопје, 1994; Г. Старделов, Сумма аестхетицае, Скопје, 1992, 132-151; М. Брида, Павао Вук-Павловиќ, човјек и дјело, Загреб, 1974. Ив. Ⅹ.