ВЛАШКА ОРГАНИЗАЦИЈА

ВЛАШКА ОРГАНИЗАЦИЈА (1909–1910) – организација на Власите во Македонија. Власите, признати за посебна „романска националност” (В 1905), по победата на Младотурската револуција и по воспоставувањето на уставното уредување (1908), се здобиле со право на политичко организирање. Една година потоа формирале прв свој клуб во Битола. Одржале собир на претставници на општините (23/24. Ⅶ 1909) и била основана Влашка организација која сакала да добие од романската заедница свои владици. Бил одржан втор собир (1910) посветен на организациони прашања, на училиштата и на црковното прашање. Била усвоена „Уредба за отоманско-влашките училишта” со настава на роман-ски јазик. Црковното прашање останало нерешено. ЛИТ.: Манол Пандевски, Политички партии и организации во Македонија (1908– 1912), Скопје, 1985. М. Мин.