ВЕЛЕШКАТА ГИМНАЗИЈА

ВЕЛЕШКАТА ГИМНАЗИЈА – се смета за најстаро гимназиско училиште во Македонија кое датира од 1857/58 година, познато како главно, односно класовно училиште, но и под името трговска школа, бидејќи се изучувале и предмети што давале знаења од трговската струка. Училиштето Зградата на Велешката гимназија го отворил факултетски образованиот српски учител Јован Нешковиќ (завршил филозофски и правни науки во Пешта, каде што бил и роден), кој по покана на Источната велешка црковно-училишна општина дошол за главен учител во Велес и ги поставил основите на првото главно македонско училиште. Во годината на основањето училиштето го посетувале 40 ученици. Сè до почетокот на дваесеттите години на ⅩⅩ в. училиштето било во ранг на нижа гимназија (прогимназија), организирано во 2, 3 или 4 класа (во зависност од кадровските и други услови). Полна гимназија (осмокласна) станало во учебната 1921/22 г., кога биле опфатени вкупно 362 ученика во сите осум класа. Од учебната 1929/30 г., поради рестриктивни мерки на тогашните владејачки српски кругови, одново била сведена на нижа гимназија. Од учебната 1932/33 г. се развива како самоуправна установа (не се финансира од државниот буџет). Како полна гимназија повторно работи од учебната 1936/37 г. По ослободувањето, решение за отворање гимназија во Велес е донесено од Президиумот на АСНОМ (3. XI 1944 г.). ЛИТ.: Т. шоптрајанов, Сто години гимназијално образование во Велес, Скопје, 1960. К. Камб.