ВЕГЕТАЦИСКА КАРТА

ВЕГЕТАЦИСКА КАРТА – цртеж на растителни асоцијации или поголеми и помали синтаксономски единици изработен во размер. Секоја карта се одликува со две суштествени карактеристики – содржина и размер. Според содржината, се разликуваат тотални и парцијални вегетациски карти. Почнувајќи од 1963 до 1992 г. во Македонија се изработуваше тотална вегетациска карта во размер 1:200.000. Во таа карта беа внесувани фитоценози на шуми, пасишта, блатни терени, тресетишта и на други типови вегетација. Одделни картографски единици беа претставувани со бои или со знаци. Оваа карта сè уште не е довршена. Во литературата се среќаваат и вегетациски карти за одделни објекти во различни размери, како Караорман, Дуб Планина кај Дојран, Липковска Река, Бабуна, околу Мавровско Езеро и др. Во шумско-уредувачките проекти се наоѓаат вегетациски карти за одделни стопански единици. Р. Р.