БРИТАНСКА ВОЕНА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО ГРЦИЈА

БРИТАНСКА ВОЕНА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО ГРЦИЈА (Ⅻ 1944) – антикомунистичка воена интервенција на британската Влада. На 18. Ⅹ 1944 г. во ослободена Атина пристигнала грчката коалициона Влада на чело со премиерот Папандреу. Пред крајот на месецот кулминирала кризата во Владата. На 1 декември минис-трите на ЕАМ поднеле оставка и го повикале народот на масовни демонстрации, кои и покрај забраната започнале на 3. Ⅻ 1944 г. во Атина. На 4. Ⅻ резервните единици на ЕЛАС почнале напади на полициските станици во Атина. На 5. Ⅻ британскиот премиер Винстон Черчил со телеграма му наредил на британскиот генерал Скоби безусловно да го спречи преземањето на Атина од комунистите. На 6. Ⅻ 1944 британските сили (60.000) ги започнале воените дејства против ЕЛАС и ја обезбедиле власта на грчката монархистичка Влада. ЛИТ.: Ристо Кирјазовски, Односот на големите сили од антихитлеровската коалиција спрема Грција во текот на Втората светска војна и проблемот на обединувањето на Македонија, АСНОМ. Педесет години македонска држава 1944–1994, Скопје, 1995; Спиридон Благоев, Некои аспекти од мешањето на Соединетите Американски Држави и Велика Британија во внатрешните работи на Грција 1943–1945, „Гласник на ИНИ“, ЏЏИЏ/1985; Лилјана Пановска, Крајот на една илузија. Граѓанската војна во Грција и Македонците 1946–1949, Скопје, 2003. Т. Ч.