АЛЕКСИЕВ, Александар

АЛЕКСИЕВ, Александар (Кочани, 28. Ⅷ 1929 – Скопје, 22. Ⅱ 2006) – универзитетски професор, поет, романсиер, критичар, книжевен историчар, театролог, преведувач. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Долгогодишен главен и одговорен уредник на списанието „Современост”, директор на Македонското радио и на Државниот архив на Македонија, професор на Факултетот за драмски уметности. Се пројавил со единствената стихозбирка „Песни” (1955). Како книжевен историчар оставил дела од трајна вредност за македонската драма и театар. Ги редактирал собраните дела на Војдан Чернодрински во пет тома (1975) и на Васил Иљоски во три тома (1979). ДЕЛ: Песни, Ск., 1955; Основоположници на македонската драмска литература, Ск., 1972; Македонската драмска литература, Ск., 1976; Македонската драма меѓу двете светски војни, Ск., 1976; Илинден и македонската драмска литература, Ск., 1983; Низ литературното минато и сегашност, Ск., 1985; Љубов за љубов, Ск., 1994; романи Деветте круга на пеколот, Ск., 2000 и Чардак ни на небо ни на земја, Ск., 2003. В. Тоц.