МАЛЕШЕВСКИ

МАЛЕШЕВСКИ (МАЛЕШКИ) НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД (месност Паруца, кота 1356 на пл. Плачковица, 25. Ⅷ – ноември 1944) – територијална партизанска единица на НОВ и ПОМ. Бил формиран од 50 борци од Малешевијата. Ги напаѓал помалите непријателски упоришта, ги уништувал општинските архиви, ја спречувал реквизицијата (август-септември) и вршел агитација и мобилизација на нови борци. Дел од борците влегле во составот на Тринаесеттата и Четиринаесеттата НО бригада на Педесеттата (македонска) дивизија на НОВЈ (втората половина на септември). По формирањето на Командата на подрачјето во Берово и командите на места во Берово и во Пехчево, ја вршел главната безбедносна заштита. ЛИТ.: Д-р Миле Михајлов, Военозаднинските органи во Народноослободителната војна на Македонија (1941–1945), Скопје, 1992; Благоја Алексов, Берово во просторот и во времето. (Хроника). Берово, 2003. С. Мл.