МЕТОДИЈ, митрополит

МЕТОДИЈ, митрополит (Ѓорѓи Попоски) (Прилеп, 27. Ⅲ 1914 – Прилеп, 25. Ⅱ 1976) – прв владика од обновената Македонска православна црква. Нижа гимназија завршил во Прилеп, шестокласна Богословија во Битола (1935). Завршил и Филозофски факултет (историја) на Скопскиот универзитет. На 27. Ⅹ 1936 г. бил ракоположен за ѓакон, а за свештеник во јули 1937 г. Од 1938 г. бил вероучител во основното училиште во Прилеп, потоа парох на Прилепската парохија. Во 1941 г. бил поставен за парох при црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп. Во 1959 бил произведен во протојерејски чин, а во 1965 г. е одликуван со највисоко свештеничко одликување во Македонската православна црква – граден крст. На таа должност бил сè до замонашувањето и изборот за Велички епископ (12/13. Ⅲ 1966), во родниот град Прилеп во Соборниот храм „Св. Благовештение“. Во јули 1967 г. бил избран и востоличен за архијереј на Дебарско-кичевската епархија што ја управувал до крајот на животот. Гробот на блаженоупокоениот митрополит Методиј се наоѓа во храмот „Св. Богородица“ – Каменско, во Охрид. ЛИТ.: Доне Илиевски, Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода, Скопје, 1987; истиот, Смислата на некои отпори против автокефалијата на Македонската православна црква, Скопје, 1970 ; истиот, Автокефалноста на Македонската православна црква, Скопје, 1972; истиот, Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, Скопје, 1995. Рат. Гр. Митрополит Методиј