/Археологија
Археологија 2018-11-03T19:59:30+00:00

Од времето на пештерските лавови и палеолитските ловци откриени се остатоци кои ги осмислуваат далечните магливи почетоци на егзистенција на човечкиот род на почвата од постојано ветуваната земја на просторите од митскиот Балкан. Остатоци од тој живот се забележани по долината на Бабуна, односно во пештерата Макаровец, кај Кристифорово во Пелагонија, а уште постари индиции се регистирани во палеолитските пристапници на осоговските планини. Таа приказна наликува на аргонаутско патешествие низ времето. Од таа плеистоцентска далечина, од тоа старо камено време, натака, сé беше поинаку. Всушност, овие простори очигледно силно биле привлечни во следниот период од предистириските времиња, во младото камено време, во таканаречената неолитска револуција, односно во идиличното време на неолитската цивилизација. Тоа започнало некаде пред осум илјади години. На тоа не потсетуваат импозантните теракотни идоли Богинките Мајки од Маџари и Говрлево, на тоа не потсетува Адам од Говрлево, многубројните културни придобивки од Амзабегово-Вршничката културна група и од Велушко-Породинската во Пелагонија. Од тие времиња навака “ветената земја” Македонија, со своите реки и езера, со планините и ридовите, со долините и низините, со благата клима, континуирано е населена и тоа вриење на животот го чувствуваме и денес. Тоа што изгледа дека никогаш нема да се врати се периодите (кои длабоко во иднината сепак ќе се вратат) наречени: енеолит (бакарно време), бронзеното и железното, за кои говорат археолошките вредности (богата керамичка продукција, коскени, камени и кремени орудија) откриени во водите на богатото крајбрежје на Охридското Езеро. Овие времиња се “преплавени” со значајните таканаречени “македонски бронзи”, мали ритулани предмети во разни форми кои во археолошкиот свет го афирмираа железното време на македонската почва. Патешествието продолжува натака до златните ритуални маски и многубројните други златни, сребрени, бронзени, керамички и други предмети кои биле придружни богатства во гробниците на аристократските кругови од Лихнитида, посебно Лихнидос и Требеништа (денешната Охридска област) во ВИ-В век пред нашата ера. Меѓу овие вредности надалеку се прочуени и бронзените волутни кратери кои, сигурно, се појавуваат и во Повардарјето на “ветената земја” (Демир Капија), а оттогаш е и прочуената тетовска Менада. Раната антика и “златниот ИВ век” на Македонија кога таа стана господарка на светот со кралевите Филип ИИ и Александар ИИИ, оставила многубројни археолошки артефакти и исклучителни архитектонски објекти, тврдини изградени со мегалитни камени блокови (Лихнидос-Охрид, Енгелана кај Св. Еразмо, низ Пелагонија) и објекти во науката познати како “македонски тип на гробници” (Охрид, Пелагонија), а македонскиот период од историјата на светот со афирмацијата на т.н. хеленистичка култура (сублимат на македонската, хеленската, египетската и азископерсиската) е еден од најбогатите периоди на европските простори. Археологијата на Македонија од тоа време е преполна со злато и сребро, со богатства отворени за тогашниот свет но и оттогаш почнуваат таканаречените македонски расколи, а нешто подоцна, со настапот на идната Римска светска империја, “ветената земја” стана првата римска провинција на Балканот и, всушност, оттогаш натака низ времето во историјата се познати т.н. македонски делби. Македонската почва е раздавана на оние на кои им ја ветила историјата. Во римскиот период, со постепено вкоренување на римските вредности во сите сфери на животот во веќе урбанизираните средини, градовите во Македонија се развивале во еден вид на провинциска мирна благосостојба. Тоа се забележува од резултатите на археолошките ископувања во Стоби, хераклеја, Скупи, Стибера и Лихнидос. Имено Стоби, кој се наоѓа во “срцето” на оваа Македонија, на устието од две реки (Аксиос-Вардар и Еригон-Црна река) претставува еден од најзначајните градови кој во римски период имал и исклучителни римски повластици, ковал сопствени пари, исто како и Лихнидос од тогашната Горна Македонија, кој со својата местоположба на брегот од Лихнидското (Охридското) Езеро и на најпознатата античка патна магистрала Виа Егнатиа, претставувал исклучително богато монденско место во тогашниот свет, Скупи, римски колонијален град од И до ИИИ век бил еден од најголемите градови на Балканот, а Стибера кај Чепигово (Прилепско) во тоа време претставувал еден од поголемите антички центри со работилници за изработка на мермерни скулптури. Просторите на “ветената земја” особено биле густо населени во доцната антика (според појавата на доцноантички гробни конструкции главно од тегули на две води на археолошките локалитети), а тогаш започнува и ранохристијанскиот период, односно ВРЕМЕТО НА БАЗИЛИКИТЕ, монументалните ранохристијански објекти со раскошна архитектура и подни мозаични површини. Базиликите од Лихнидос (Охрид) и хераклеја, со претставениот космогониски свет изведен со магичните разнобојни камчиња со теми од христијанската религија се особено значајни за ова време во рамките на медитеранскиот ранохристијански свет. Во ова време влегуваат и веќе надалеку прочуените винички теракотни икони кои претставуваат колекција од овој вид сосем ретка во светската религиска уметност. Ова е период кога Македонија му беше “ветена” од историјата на византиската империја, ова е времето на цар Јустинијан кој, куриозитетно, се верува дека потекнува од македонските краишта и ова е времето на долгото византиско “аргонаутско” патешествие низ балканските високи “историски” планини, време во кое (Џ-ЏИ век) на царскиот престол во Цариград, меѓу другото, владееле девет цареви од т.н. македонска династија. Паралелно, балканските простори биле населувани од словенските племиња (ВИ-ВИИ век) кои, попатно, оставиле многу малку од својата материјална култура. Сепак, Светиклиментовото време (крај на ИЏ – почеток на Џ век) претставува “златно” време на словенскиот род во “ветената земја”. Тоа е времето на дејноста на Светиклиментовиот универзитет и времето кое последователно резултира со Самуиловото средновековното македонско-словенско царство. Самуиловата тврдина во Охрид е видлив профан монумент кој во археолошка и историска смисла го отсликува тој период на македонскословенска доминација над балканските земји. Средновековните културни слоеви на археолошката почва во Македонија се богати со докази за дострелите на моќниот византиски извор: накит, сликана глеѓосана керамика, метални предмети и, особено, многубројни поединечни и групни наоди на златни, сребрени и бронзени монети на археолошките локалитети. Освен цар Самуил, кој сигурно е единствениот цар во европската и светската историја кој не ковал пари, кој најверојатно четириесеттина години јавал на коњ и немал време да си го организира платежниот систем во царството, другите владетели оставиле свои траги не само во оваа сфера, туку и во рамките на целокупниот општественополитичкиот и духовниот живот на жителите од империјата.
Конечно, после владеењето на едно време од ЏИВ век на српските цареви, кон крајот на тој век Македонската земја “се вети” на Турците Османлии, односно повеќе од половина милениум беше дел од Отоманската империја. Имајќи предвид дека сé повеќе се оддалечуваме од тој османлиски период, особено со влегувањето во ЏЏИ век, археолошката наука ќе треба многу посериозно да го вклучи ова време во своите научно-истражувачки рамки. Ова посебно и заради тоа што во пазувите на оваа империја Македонија повторно, по две илјади години, почна да се бори за себе, односно во вистинска смисла на зборот почна да работи во насока “да се вети на себе”.
***

На археолошката почва во Македонија се евидентирани повеќе од 4700 археолошки локалитети. Истражени и недоистражени има многу малку. Овде се презентирани 28, кои на некој начин ја отсликуваат оваа земја во археолошка смисла, која, без разлика на околностите, сепак претставува европска археолошка оаза и пошироко, во рамките на медитеранскиот културен комплекс.
Паско Кузман