ТАНЕЦ , ансамбл за народни игри и песни на Македонија

„ТАНЕЦ“, ансамбл за народни игри и песни на Македонија. Основан е на 24. Ⅲ 1949 г. Прв директор бил Мане Чучков, а прв уметнички раководител Живко Фирфов. Првиот официјален настап го имал на 24. Ⅵ 1950 г. Наредниот месец го имал првото претставување во странство во Ланголен (Англија), каде што со изведбата на „Тешкото“ ги воодушевил публиката и стручното жири и го освоил првото место со максимален број поени. Оттогаш Т. одржал над 1.000 концерти на големите сцени во светот, вклучувајќи ги и прочуените Карнеги хол и Сиднејската оперска куќа, како и неколку илјади во Македонија. Од неговите редови излегле плејада извонредни македонски уметници (В. Илиева, А. Сариевски, В. Лазарова, П. Атанасовски, М. Коларовски и др.), голем број играорци и кореографи (Д. Матевски, А. Коларовски, Г. Василев, С. Каранфилов и др.). Гораководеле многу видни музички и културни дејци, меѓу кои и Т. Прокопиев, Т. Леов, М. Коловски и др. Заради својата плодна активност на полето на негувањето и презентирањето на македонскиот фолклор, се смета за своевидна „академија на македонскиот музички фолклор“, а богатството народни носии со кои се претставувал по светските сцени ги предизвикало музичките аналитичари да го наречат „подвижен музеј“. На репертоарот на Т. во изминатите децении биле околу 100 кореографски постановки и неколку стотини народни песни и ора. Според истражувањето на Е. Дјунин и С. Вишински од деведесеттите години на ⅩⅩ в., над 80% од сите кореографски постановки во Македонија потекнуваат од Т. Некои од нив („Тешкото“, „Невестинско“, „Драчевка“, „Калајџиско“ идр.) станале антологиски и влегле во репертоарот на повеќето КУД од Македонија, адруги („Русалии“, „Џамала“, „Арамиско“, „Женско чамче“ идр.) ги поставува и презентира единствено Т. За својата исклучително плодна дејност Т. ги добил речиси сите општествени награди и признанија во поранешна Југославија и во Македонија. ЛИТ.: Танец (1949–1999). 50 години амблем на македонската култура и уметност, Скопје, 1999. М. Кол.