ЃУРКОВ, Јордан

ЃУРКОВ, Јордан (Штип, 13. Х 1891 – Софија, 8. Ⅱ 1931) – припадник на ВМРО. Завршил Педагошко училиште во Скопје. Во Балканските војни учествувал како доброволец во Македонско-одринското ополчение, во Првата светска војна како потпоручник во Македонскиот полк. По војната ја напуштил воената служба, се вклучил во ВМРО и бил во раководството на Македонското студентско друштво „Вардар” во Софија. По убиството на Т. Александров бил еден од најблиските соработници на Ив. Михајлов, резервен член на ЦК на ВМРО (1925–1928), полномошник на ЦК на ВМРО за Пиринскиот дел на Македонија. Убиен е од претставници на протогеровистичката ВМРО. ЛИТ.: Иванъ Михайловъ, Спомени Ⅳ. Освободителна борба 1924–1934 (продължение), Индианаполис, 1973; Зоран Тодоровски, ВМРО 1924–1934, Скопје, 1997. З. Тод.