НАСОЧЕНО ОБРАЗОВАНИЕ

НАСОЧЕНО ОБРАЗОВАНИЕ
– реформска опција на глобалниот воспитно-образовен систем во осумдесеттите години на ⅩⅩ век. Како општојугословенска реформска концепција, насоченото образование почнува од 1974 г., врз основа на Резолуцијата за самоуправен социјалистички развој на воспитанието и образованието (Х конгрес на СКЈ). Главните определби се дадени во два клучни става: (1) секој облик и степен по основното осумгодишно образование треба да оспособува истовремено за вклучување во процесите на трудот и за натамошно образование, и (2) воведување заедничка програмска основа како претпоставка за секое натамошно (позивно, насочено) образование, по основното. Во согласност со Општествениот договор за единствени основи за класификација на занимањата и на стручните степени (1978), се утврдени осум степени на стручна подготовка (5 во рамките на средното и 3 во високото). Процесот на преструктурирање на воспитнообразовниот систем врз определбите на насоченото образование во Македонија започнува во учебната 1982/83 г., со формирање училишни центри (со повеќе струки и занимања) како основна институционална форма. Законот за насочено образование е донесен во 1985 г. При крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години концепцијата на насоченото образование е подложена на жестоки критики, со нагласени барања да се врати стариот систем, посебно гимназијата.
ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *