МИРОВАРЕНИЕ и осветување миро –

МИРОВАРЕНИЕ и осветување миро – еден од важните елементи на легитимитетот на секоја автокефална православна црква. Македонската православна црква, како автокефална, се здоби со тоа право преку доброто разбирање и љубовта од Романската и од Бугарската православна црква, од кои е добиен благослов и свето миро, како посебен дар, кое, заедно со мирото од Српската православна црква што го имала и го користела Македонската православна црква, било излиено во мирото при првото наше мироварение и осветување миро во Скопје (1971). Романскиот патријарх Јустинијан и Бугарскиот патријарх Кирил на делегацијата на Македонската православна црква им дале свето миро од своите цркви, со порака до Поглаварот на Македонската православна црква Архиепископот Доситеј, при осветувањето на новото миро да стави од светото миро на нивните цркви, во знак на единство и рамноправност меѓу црквите и симбол на љубовта меѓу јерархијата и верниците. ЛИТ.: Стојан Јанковски, протоѓакон, Мироварение и осветување на Свето миро, „Весник“, Службен лист на Македонската православна црква, Скопје, 1971; Устав на Македонската православна црква, Скопје, 1975. Рат. Гр.