МАКЕДОНСКА РАДИОТЕЛЕВИЗИЈА

МАКЕДОНСКА РАДИОТЕЛЕВИЗИЈА – јавен радиодифузен сервис во РМ. Преносот на Второто заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 г. беше првата емисија (на кратки бранови) што го означи почетокот на работата на Радио Скопје. Еден месец потоа беше инсталиран среднобранов предавател. Се работеше со мошне скудна техника, а програмата се емитуваше во живо од две мали студија (спикерско и музичко). Од 1950 г. почнаа да се употребуваат магнетофони, а до 1963 г. бројот на студијата нарасна на шест. Бидејќи во земјотресот се урна зградата на Радиото, програмата се емитуваше од шатори и од импровизирано студио. Десет години по земјотресот Радиото доби нова локација во Нерези и се опреми со современи студија и техника. Целосно решение на студиски и работен простор Радио Скопје доби со вселувањето во Радио-телевизискиот дом (1986). Денес Македонското радио програмата ја емитува низ два програмски сервиса на македонски јазик, трет програмски сервис на јазиците на граѓаните на немнозинските етнички заедници, како и на сателитски и радиопрограмски сервис наменет за соседните земји и за нашите иселеници. Во 1958 г. Советот на Радио Скопје донесе одлука за формирање екипа што ќе работи на подготовките за отворање телевизија. Две години потоа се оформи првиот тим телевизиски работници. Во мај следната година, поради недостиг на сопствено студио и техника, комплетна македонска реализаторска екипа од Белградското студио го реализираше Балетскиот концерт, со солисти од Македонскиот народен театар. Емисијата во траење од половина час беше првото целосно програмско остварување. Во 1964 г. беше пуштен во редовна работа нов предавател на Црн Врв. По тој повод се реализира првиот директен телевизиски пренос од концерт и рецитал, со учество на Македонската филхармонија и Македонскиот народен театар. На 14 декември 1964 г., од импровизирано студио во Нерези, почна редовното емитување сопствена ТВ програма. Емитувањето на првиот телевизиски „Весник“ го означи роденденот на Телевизија Скопје. Денес Македонската радио-телевизија емитува програма Зградата на Македонската радиотелевизија преку три телевизиски сервиси и четврти & собраниски канал, а со својата програма претставува вистински јавен, модерен сервис на граѓаните на РМ. Ј. Ф.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *