ЗДРАВИЦА

ЗДРАВИЦА -. типична форма на реторичкиот жанр од усното народно творештво. Таа се кажува на многу народни празници и свечености – слави, крштевки, имендени, при вршењето на некои заеднички работи итн. Таа е кратка по форма, што произлегува од нејзината функција – не ја разработува фабулата, туку уверува, во неа се изрекуваат најубави желби за домаќинот на куќата, за младенците, за детето што се крштава и сл. На тој што му е упатена, му се пожелува добро здравје, напредок, подмладок, имот, благосостојба, мир, да биде заштитен од лоши луѓе и непријатели од секаков вид. Содржи и многу синтагматски и синтаксички формули: Во поле бериќет, кај стока кувет, а кај луѓе живот! Среќна слава на домаќинот, среќа Гос-под да му дава, гости да му се повесели, до година повише да има, бериќет да се роди! За неа е карактеристичен дитирампскиот тон, реализиран со рамномерно пулсирање на изговорената реченица. Ритмизираниот текст се остварува и со бројни рими и стихови, најчесто во осмерец или десетерец. По правило, се објавуваат во составот на зборници со различни паремии. ЛИТ.: Марко Китевски, За некои кратки говорни народни умотворби од Кумановско, Прилози за македонскиот фолклор, Скопје, 1989; истиот, На клетва лек нема, Скопје, 1991; Боне Величковски, Кратките жанрови и детскиот фолклор во Куманово и Кумановско, Фолклорот и етнологијата во Куманово и Кумановско, СкопјеКуманово, 255-289. Б. В. ДСГУ „Здравко Цветковски“, Скопје