ДРАГОВИТИ

ДРАГОВИТИ (Другувити, Дрогувити) – словенско племе, населено во Македонија ( Ⅵ – поч. на Ⅶ в.) на териториите северозападно и западно од Солун, помеѓу Солун, Бер и Воден. Учествувале во нападите на Солун (614–616 и 674–677). За потеклото на името има различни мислења. Се поврзува со глаголот другарува, со придавката драг и сл. Под притисок на Византија, еден дел од племето се повлекло подлабоко во внатрешноста на Македонија. Племето било бројно и многу распространето. Неговото име влегло во административната и во црковната организација на Византија. Постоеле клисура и тема Драгувитија (IX–Ⅹ в.). Нивното име во континуитет се задржало до ⅩⅠⅠⅠ в., кога се споменуваат „тиранија (власт) на Другувитите” во Бер и „другувитска власт” во Полог. ЛИТ.: Т. Томоски, Записи за Другувитите во Македонија, Македонија низ вековите. Градови, тврдини, комуникации, Скопје, 1999; Ф. Баришић–Б. Ферјанчић, Вести Димитрија Хоматијана о „власти Другувита”, ЗРВИ, 20, 1981. К. Аџ.