ГРНЧАРОВА-ИВАНОВА, Маслина

ГРНЧАРОВА-ИВАНОВА, Маслина (с. Загоричани, Костурско, 1874–1958) – учителка и деец на ТМОРО. Ја завршила Солунската женска гимназија. Како учителка во Димотика (Тракија), станала член на ТМОРО (1895). Потоа би-ла учителка во Сорович и Зеленич. Вршела курирски должности, а со учителката Елена Минасова го извезла знамето на Д’мбенската чета на ТМОРО. Во родното село имала средба со Гоце Делчев (1901). Поради членството во ТМОРО, била уапсена заедно со Манол Розов, Лазар Поптрајков и Павел Христов и осудена, а казната ја издржувала во затворот во Корча (Албанија). По излегувањето од затвор, била секретар на Централната комисија на ТМОРО и член на Костурскиот окружен комитет на ТМОРО. Како активен комита зела учество во Илинденското востание (1903) и со посебна храброст се истакнала при ослободувањето на Невеска. По повторното апсење (август 1903) била амнестирана. По Балканските војни емигрирала во Бугарија (1913). ЛИТ.: Спомени и биографии на Илинденци. Избор, редакција и коментар Александар Крстевски-Кошка, Битола, 1993, 165. С. Мл. Томче Грнчаровски ГРНЧАРОВСКИ, Томче (Тетово, 17. Ⅹ 1923 – Скопје, 6. Ⅶ 1960) – оперски певец, тенор. Пеење учел кај Н. Кунели во Скопје и во Загреб (З. шир). Тој е учесник во НОБ. Во 1947 г. станува член на Операта на МНТ, како еден од нејзините основачи. Дебитира во 1948 г. како Бепо во операта Палјачи. Поради болест, во 1955 се повлекува од јавниот музички живот. Во својата кратка оперска кариера, под уметничкото раководство на диригентската палка на Ловро Матачиќ (во Операта на МНТ: 1948-1952) и диригентите Т. Скаловски и Т. Прокопиев, остварил повеќе главни улоги: Алфред Жермон (Травијата), Белмонте (Грабнување од Сарајот), Војводата од Мантова (Риголето), Пинкертон (Мадам Батерфлај), Родолфо (Боеми), Тамино (Волшебната флејта), Ловро (Никола шубиќ – Зрински). Извонредно музикален, поседувал пријатен и топол лирски глас, податливо мек и распеан. Ф. М.