ГАЈДАРЏИСКА ЈОСИФОВСКА, Марија

ГАЈДАРЏИСКА ЈОСИФОВСКА, Марија (Штип, 19. Ⅻ 1958) – физичар, ред. проф. (1996) на Универзитетот Висконсин во Милвоки, САД. Дипломирала (1981) на ПМФ. Магистрирала (1986) во Сиднеј и докторирала (1991) во Темпи, Аризона, со ис-тражување на структурата на кермети, односно електронска микроскопија на површини на тврди тела. Од 1987 г. е во САД, од 1994 е директор на Лабораторијата за трансмисиона електронска микроскопија со висока резолуција, а од 2003 г. и директор на Лабораторијата за изучување на површини. Покажала дека кај ед-но и дводимензионалните периодични структури постојат параболични Брилуенови зони и дека се можни стабилни површини и меѓуграници од поларни оксиди со необични електронски и спинтронски својства. Кај некои растенија открила биоминерална форма за нетоксично сместување на железо во облик на магнетни нанокристали. Меѓу првите во светот работела на електронска холографија. Во САД добила претседателска награда за млади научни работници (1995). ЛИТ.: 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, стр. 197–198. В. Ур.