ГАВРИЛ – архиепископ

ГАВРИЛ (световно име Ѓорѓи Милошев) (Скопје, 7. Ⅳ 1912 – Скопје, 4. Ⅲ 1996) – архиепископ, трет по ред поглавар на Македонската православна црква (1986– 1993). Дипломирал германистика и славистика на Филозофскиот факултет во Скопје (1936). Во Скопје бил ракоположен за свештеник и бил поставен за парох во Велес (1942), а бил и гимназиски професор во Велес (од февруари 1945). Од свештенството на Велес и Велешката околија бил избран за претседател на Духовниот одбор, и во таа улога учествувал како делегат на Првиот црковно-народен собор во Скопје (1945) на кој е донесена одлука за обнова на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Од 1949 г. бил на служба во Државното книгоиздателство на МакедонијаСкопје (подоцна „Просветно дело“). Во тој период составил и издал учебници, прирачници, речници и училишна литература, па дури и периодика. Бил прв претседател на Друштвото на преведувачите на РМ, а во 1990 г. го превел Светото писмо (Библијата) на современ македонски литературен јазик. Во 1977 г. отец Ѓорѓи Милошев се замонашил и по хиротонисувањето за архиереј бил прв декан на Богословскиот факултет во Скопје. Во 1986 г. бил избран за архиепископ на МПЦ, се повлекол во 1993 г. Починал во 1996 г. и е погребан во манастирот „Свети Наум“ во Радишани крај Скопје.
ЛИТ.: Ацо Александар Гиревски, Негово блаженство, архиепископ Гаврил, трет по ред на обновената Охридска архиепископија, Скопје, 1994; Чист македонски збор и во нашите црковни проповеди, Скопје, 1995; Споменицата за ГАВРИЛ, Архиепископ охридски и македонски 1912–1996, МПЦ, Скопје 1996. А. Г.