ВОЕНА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ

ВОЕНА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ” – прва воена високообразовна и научна установа во Македонија, основана во 1995 г. со Законот за Воена академија (7. Ⅵ 1995), со основна задача да особува офицерски кадар за АРМ и да врши научни истражувања во соодветната област. Од 1996 г. Академијата го носи името „Генерал Михаило Апостолски”. Во рамките на Академијата се организирани додипломски студии за офицери на родовите на АРМ во траење од четири години, постдипломски студии за воено стручно усовршување за командни и штабни должности во траење од една година и постдипломски студии за научно усовршување (магистерски и докторски студии). школувањето се реализира според студиска програма донесена од  Наставно-научниот совет, по претходно мислење од Началникот на Генералштабот на АРМ и со добиена согласност од Министерството за одбрана. Академијата е составен дел на образовниот систем на Република Македонија и работи во согласност со Законот за високо образование и Законот за научноистражувачка работа. К. Камб.