ВОДИЦИ

На Богојавление во с. Битуше

БОГОЈАВЛЕНИЕ (ВОДИЦИ) – еден од најголемите христијански празници. Според Библијата, во тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Поради тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање или почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат дванаесетте т.н. Некрстени денови. Се празнува во поголеми или помали групи, што се викаат компании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маалата, а некаде по фамилиите. Секоја компанија има свој кум, кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крстот и го има кумството една година, од едни до други Водици. Се празнува два дена. Првиот ден (19/6. И), освен Богојавление и Водици, се именува и Војордање или Машки Водици, а вториот ден (20/7. И) Собор на Свети Јован Крстител, се именува и Женски Водици. Со него се поврзани многу обичаи со битов карактер. Денот пред празникот (18 /5. И) е Водокрштение, (некои го викаат Водокрст или Водопост), и е строг пост. Тогаш се изведуваат многу обичаи, во кои главен збор има кумот. Главен настан е фрлањето на крстот во водата. Со тоа се верува дека се осветуваат водите и имаат лековита моќ. На овој ден само мажите одат по коледица и тоа само по куќите од својата компанија, пеат песни и собираат дарови. На вториот ден од празникот жените одат по коледица и пеат водичарски песни во кои се слави поединецот, семејството и пошироката заедница. ЛИТ.: Сборникљ отљ бљлгарски народни умотворения, =астÏ трета, отделљ Ⅰ и Ⅱ, Български обичаи, обряди, суеверия и костÓми, книга Ⅶ, сљбралљ и издава К. 

А. шапкаревљ, Софиџ, 1891;Лазар Мирковић, Хеортологија, Београд, 1961; Наум
Целаковски, Дебарца, обреди и обредни игри, Скопје, 1984; Марко Китевски, Македонски празници, Скопје, 2000. М. Кит.