ВОДЕНСКИ (МАКЕДОНСКИ) НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН БАТАЛЈОН

(пл. Кајмакчалан, 16. Ⅵ 1944 – 18. XI 1944) – македонска воена единица во составот на Триесеттиот полк на ЕЛАС. Бил фомиран од македонски доброволци од Воденско и Мегленско. Собирниот центар бил во с. Горно Родево (Мегленско). Командант бил Лефтерис Фундулакис, бивш офицер на грчката армија, а политички комесар Ѓорѓи Урдов-Џоџо. Во јули Баталјонот веќе имал 575 борци и водел успешни борби: против германските сили и баталјоните за безбедност (4. Ⅶ); против припадниците на ПАО во селата Чакри, Куфалово (29. Ⅶ), Балчаки и Дабово (Гуменџиско); кај с. Пласичев; кај месноста Мухарем Хан и др. Но, со оглед на неговиот македонски состав, КПГ и ЕЛАС, сметајќи дека го буди македонскиот национализам, дале наредба за расформирање, на што се побуниле македонските борци и, за да се избегне крвопролевање, Баталјонот преминал на територијата на Вардарскиот дел на Македонија (12/13. Ⅹ). Подоцна влегол во слободна Битола (18. XI) и од македонските баталјони од Воденско, Леринско и Костурско била формирана Првата македонска егејска НОУБ во составот на НОВ и ПОМ.
ИЗВ.: ДАРМ-Скопје, к. 1/26 и 37; Вангел
Ајановски-Оче, Егејски бури, Скопје,
1975, 137. ЛИТ.: Д-р Ристо Кирјазовски, КПГ и македонското национално прашање 19181974, Скопје, 1982, 233-234. С. Мл.