ВОДЕНСКИ (МАКЕДОНСКИ) НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД „ЛАЗО ТРПОВСКИ”

ВОДЕНСКИ (МАКЕДОНСКИ) НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД „ЛАЗО ТРПОВСКИ” (кај шимбовата Колиба во месноста Верик, 1. IX 1943 – првата декада на мај 1944) – македонска партизанска единица во рамките на ЕЛАС. Бил формиран по упорното барање на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за свои партизански и воени единици и своја војска. КПГ и ЕЛАС биле принудени да го прифатат барањето за да се постигне омасовување на НОД. За командант на Одредот бил назначен Наум Пејов, а за политички комесар Димитар шишковски. Од 20 борци при формирањето, за кратко време Одредот Водичарски коледари нараснал на 70 борци, исклучиво Македонци. Освен агитационопропагандната улога, Одредот извршил напад на германската колона на патот Костур-Смрдеж (11. Ⅹ 1943), при што уништил четири камиони и убил 20 германски војници; ја разбил и ја разоружал контрачетата во с. Кономлади (ноември 1943) и контрачетата во с. Четирок (11. Ⅰ 1944); заедно со други единици на ЕЛАС водел тешка борба со германските сили на Вичо (12. Ⅳ 1944); се пресметал со контрачетата во селата Прекопана (Леринско), Черешница, Тиолишта и др. Во рамките на одлуката на КПГ и ЕЛАС за расформирање на сите македонски единици (април 1944), штабот на Дваесет и осмиот полк на ЕЛАС издал наредба за негово расформирање, но штабот на одредот и борците се спротиставиле, па за реализирање на наредбата биле испратени два баталјона на ЕЛАС и со демонстрација на сила борците на Одредот биле распоредени во нивниот состав.
ИЗВ.: ДАРМ-Скопје, к. 23/8/221а. ЛИТ.: Наум Пејов, Прилози за односот
на раководителите на КПГ по македонското национално прашање, Скопје, 1953,
24; Д-р Ристо Кирјазовски, КПГ и македонското национално прашање 1918-1974,

Скопје, 1982, 169-172. С. Мл.