ВОДЕНСКА ДЕКЛАРАЦИЈА

(1918) – декларација на Српската влада. Пред крајот на Првата светска војна, Српската влада, за да го спречи поставувањето на македонското прашање на претстојната Мировна конференција, подготвила Декларација и Меморандум со кои македонскиот народ (македонските Словени) бил прогласен за југословенско племе, а Македонија за југословенска земја. Според Декларацијата, тие, македонските Словени, ја декларирале својата волја за обединување во југословенската држава. Во Декларацијата, составена на Крф, стоел градот Воден. Проф. Григорие Хаџиташковиќ (јули 1918) со група сомисленици во служба на српската држава, во својство на претставници на македонскиот народ, дале легитимитет тие документи да бидат предадени на Силите од Антантата. ЛИТ.: Љубен Лапе, Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ, 2, Скопје, 1965; М. Миноски, Федеративната идеја во македонската политичка мисла (1887-1919), Скопје, 1985. М. Мин.