ВОВЕДЕНИЕ НА СВ БОГОРОДИЦА – црква во с. Кучевиште

Црквата „Воведение на св. Богородица“, Кучевиште, Скопско (ⅩⅣ в.)
Црквата „Воведение на св. Богородица“, Кучевиште, Скопско (ⅩⅣ в.)

„ВОВЕДЕНИЕ НА СВ БОГОРОДИЦА” – црква во с. Кучевиште, на падините на Скопска Црна Гора, кај населението позната под името „Св. Спас”. Во основата, црквата има форма на впишан крст во правоаголен прос-тор, со висока купола над централниот простор. Апсидата од надворешна страна е петострана. Ѕидана е со делкан камен, тули и малтер. При ѕидањето фасадите биле украсени со керамопластична декорација. Кон западната фасада бил доѕидан нартекс што имал приземје и кат. Приземниот простор бил засводен со три полукружни свода, а катот над приземјето има облик на еднокорабен засводен простор. Нартексот потсетува на црквите–гробници, во кои биле закопувани главно ктиторите. Подоцна на западната страна од нартексот и на јужната страна на црквата бил изграден широк трем. Сите спомнати делови, со исклучок на припратата од јужната страна, биле живописани. Во ⅩⅠⅩ в. стариот фрескоживопис бил прекриен со преслика, која е отстранета во 60–тите години на ⅩⅩ в. со конзерваторска постапка. Црквата била изградена и живописана со средствата на властелинското семејство, чиишто членови биле Арсен, Радослав и Владислава. Фрескоживописот е дело на двајца непознати зографи, кои несомнено биле мошне талентирани. Во 1337 г. бил насликан нартексот, кој претставува гробница со странични капели. На северниот и на јужниот ѕид непознатиот сликар ги насликал портретите на ктиторите: војводата Дејан и неговата жена Владислава, сестра на жупанот Радослав, застанати покрај портретот на цар Душан и царицата Елена, а на северниот ѕид се насликани нивните деца (Јован и Дмитар). Капелата на катот, посветена на св. Никола, била повторно живописана во 1501 г. Во ⅩⅤⅠ в. биле сликани поединечни фигури и композиции на јужната фасада на црквата, а во ⅩⅤⅠⅠ в. непознат зограф го насликал житието на св. Ѓорѓи во припратата. ЛИТ.: Н. П. Кондаковъ, Македония, СПб., 1909, 186; В. Петковић, Преглед црквених споменика кроз повесницу српског народа, Београд, 1950, 164; В. Ј. –урић, Византијске фреске у Југославији, Београд, 1974, 55–56; К. Балабанов, Фреске и иконе у Македонији, Београд–Загреб–Мостар, 1983, 121. К. Б. Цитаделата во Воден