ВНАТРЕШНА АРХИТЕКТУРА

– клучен поим со кој се врши соодветен превод на англискиот израз интериор десигн. Се однесува за спецификите на внатрешниот простор, на ентериерот/внатрешниот простор на објектите од би-ло каков вид, дефинирајќи со тоа и соодветна опременост изведена според функцијата, намената или посебноста на проектната програма на одредена архитектонска содржина. Поимот ги содржи сите компоненти што се однесуваат за архитектурата воопшто: конструкција, материјали, текстура, боја, композиција, технологии, обработка, опременост и сл. Внатрешната архитектура подлежи на врамување во прецизна дијахрониска рамка, во која може да се следат сите трансформации, развојни етапи, стилски дефинирања или тенденции, развојот на одредени школи или присуството на влијанија од различен вид. Според одредени развојни карактеристики на внатрешната архитектура, често се определува и стилскиот предзнак на одредена посложена архитектонска структура, станувајќи со тоа и носител на пораките за историчноста на одредени архитектонско-стилски појави и манифестации. Различните степени на обработка и примена, како и специфичниот избор на материјали, кои ја дефинираат/естетизираат/обликуваат изразната морфологија на внатрешната архитектура, претставуват и реални показатели или именители на општиот уметнички вкус, или одредници на општата состојба и степенот на уметничкиот/естетскиот ефект и придонес на архитектурата кон општиот, дефиниран културно-уметнички или историски модел. Преку специфичната обработка на одредени елементи од ентериерот на одделни градби (сакрални или профани), посебно во Македонија, можат да се следат развојните етапи на повеќе уметнички занаети: резбарството, сликарството, иконописот и сл., кои во подоцнешните периоди на развој се развиваат до нивото на независни и препознатливи уметности. Во современи услови, внатрешната архитектура обединува разни дисциплини: архитектонско проектирање, дизајн, индустриски дизајн, применети уметности, ликовни дисциплини, уметност на новите и електронските медиуми и сл. ЛИТ.: Грцев Кокан, Тхе сацред анд сѕмболиц струцтуре оф фолцлориц арцхитецтуре, Студиес ин анциент струцтурес, Истанбул, 2001, 61–69; Радомир Вољинец – Јасмина Алексиевска, Ликовни и обликовни вредности во народната архитектура како резултат на практичната градителска постапка, Зборник на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Кирил и Методиј”, 7, Скопје, 1984, 53–61; Иванка Кировска, Смислата на декорацијата во македонското градителство од ⅩⅠⅩ век, Скопје, 1999; Анета Светиева, Извори за проучување на изградбата и украсувањето на скопската куќа за време на турското владеење во ⅩⅠⅩ и во печетокот на ⅩⅩ век,
„Македонски фолклор”, ЏЏВ/50, Скопје,
1992, 85–93; Резбани тавани, долапи и врати во Македонија, Скопје, 1992. К. Гр.