ВМРО – (1919–1934)

ВНАТРЕШНА МАКЕДОНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА (ВМРО) (1919–1934) – по завршувањето на Првата светска војна започнало политичкото групирање и организирање на македонската емиграција. При крајот на 1919 г. била формирана ВМРО, со Централен комитет: Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Како главна цел на ВМРО Т. Александров ја прокламирал автономијата на Македонија, како преодна етапа за нејзиното присоединување кон Бугарија.

Уставот на ВМРО (1919-1934)

По потпишувањето на „Нишката спогодба” помеѓу Кралството СХС и Бугарија (март 1923), ВМРО зела активно учество во рушењето на бугарската влада на Александар Стамболиски (9. Ⅵ 1923). Во втората половина на 1923 г. биле воспоставени врски и водени разговори со претставници на Советскиот сојуз, заинтересиран за создавање единствено македонско ослободително движење. Притоа Т. Александров подготвил и потпишал „Проект за спогодба меѓу ВМРО и Советскиот Сојуз” (30. Ⅻ 1923). Преговорите водени во Виена завршиле со потпишување Декларација на ЦК на ВМРО (29. Ⅳ 1924) и на Мајскиот манифест (6. Ⅴ 1924) од страна на Т. Александров, А. Протогеров и П. Чаулев. Под притисок на бугарската влада, првите двајца со Декларација на ЦК на ВМРО јавно се откажале од своите потписи (1. Ⅷ 1924). Тодор Александров бил убиен (31. Ⅷ 1924) од припадници на ВМРО (војводите штерју Влахов и Динчо Вретенаров). Раководството на ВМРО го презеле Александар Протогеров и Иван Михајлов. За убиството на Т. Александров биле обвинети опонентските организации од македонската емиграција.
За две години по масакрот во Горна Џумаја (12. IX 1924) ВМРО убила редица истакнати македонски интелектуталци и револуционери, идејни опоненти како Димо Хаџи Димов, Арсени Јовков, Тодор Чопов и др. По наредба на И. Михајлов бил убиен и Александар Протогеров (7. Ⅵ 1928), а ВМРО се поделила на „Михајловисти” и „Протогеровисти” и дошло до нивно меѓусебно физичко пресметувње. На Ⅶ конгрес на ВМРО (21. Ⅵ 1928) И. Михајлов официјално го презел раководењето. Во програмската определба на ВМРО на И. Михајлов поимот „автономна” бил заменет со поимот „независна Македонија” во која живеат Бугари. Негова стратегиска цел била создавање на Македонија како втора бугарска држава. Во април 1929 г. Македонскиот национален комитет контролиран од И. Михајлов и Хрватските претставници потпишале Декларација за соработка и создавање НДХ и „Независна Македонија”, како втора бугарска држава. На 9. Ⅹ 1934 г., со заедничка акција на хрватските и ВМРО-вските сили, бил извршен атентат врз кралот на Југославија Александар Караѓорѓевиќ. Владата на Бугарија, на чело со Кимон Георгиев, при крајот на 1934 г. донела одлука за расформирање на ВМРО, по што, под водство на И. Михајлов, продолжила да дејствува во странство. Се поврзала со нацистичките и профашистичките сили на Германија, Италија, Унгарија и Хрватска, со кои соработувала до крајот на Втората светска војна.
ИЗВ.: Архив Војно-историјског института (АВИИ), Београд, Пописник 4, кут. 54, бр. 12/193; ЦДИА, София, фонд 396 – Македонска Вътрешна РеволÓционна Организация, оп. 2, а. е. 50, л. 32-34. ЛИТ.: Зоран Тодоровски, ВМРО 1924-1934, Скопје, 1997. В. Ст.