ВЛАХОВ, Димитар

ВЛАХОВ, Димитар (Кукуш, 8. XI 1878 – Белград, 7. Ⅵ 1953) – македонски револуционерен, културно-национален и општественополитички деец, економист, публицист и државник. Се школувал во родниот град, во Солун и во Софија, физичко-математичкото Димитар Влахов факултетско образование го завршил во Бугарија, Германија и швајцарија. Во учебната 1903/04 г. е учител во Солунската гимназија и кооптиран член на ЦК на ТМОРО. Пројавува активна соработка во работничкото и социјалистичкото, како и во учителското движење во Македонија, а по Младотурската револуција го редактира в. „Единство” (1908). Тој е еден од основачите и раководителите на Народната федеративна партија (1909–1910) и пратеник во Отоманскиот парламент (1909–1912). Од 1911 г. е член на Солунската социјалистичка федерација, претседател на Првиот конгрес на тутунските работници во Македонија, а Кукушката околија го избира за член на Солунскиот вилаетски совет (1912). По Балканската војна е затворен од грчките власти и протеран во Бугарија (1913). Бугарската влада го поставува за конзул во Одеса (1915-1917). По Светската војна е секретар на Трговско-индустриската комора во Варна (1920–1923) и говорник на митингот по повод српскиот колеж во с. Гарван, потоа е пратен за трговски претставник во Киев и Виена. Како близок до ВМРО на Т. Александров, но и до советскиот министер Кр. Раковски, задно со М. Монев, оди како делегат за разговори по македонското прашање во Москва (мај 1923), а потоа е еден од авторите на виенските документи за обединување на македонското револуционерно движење (1924). По објавувањето на Мајскиот манифест настанува расцеп и ликвидација на неговите потписници Т. Александров и П. Чаулев, а подоцна и А. Протогеров. Група лево ориентирани македонски национал-револуционери од сите краишта на поделена Македонија, со главно учество на Влахов и со посредство на претставници од Коминтерната, во Виена ја формираат ВМРО(Обединета) (1925). Тој е главен соработник за Македонија во органот на Балканската комунистичка федерација сп. „Ла Федéратион Балканиљуе” (1924–1930) и уредник на органот на ВМРО (Об) „Македонско дело” (1925– 1935). Член на БКП од 1926 г. По работата во Европа за афирмација на вистината за македонската ослободителна борба и за демаскирање на антимакедонската активност на михајловистите, соработува во печатот на МНС во САД и Канада, заминува во Москва (1935) и работи во Меѓународниот аграрен институт, а подоцна и во Институтот за историја на АН на СССР. Подготвува докторат за македонската историја. Сталиновите чистки ги преживува само со едномесечен притвор (јануари 1938) – благодарејќи на интервенцијата на Г. Димитров и В. Коларов. По нападот на Германија на СССР, настапува од името на македонскиот народ на Сесловенскиот митинг во Москва (10–11. Ⅷ 1941), а потоа (16 октомври 1941) е евакуиран во Уфа (Башкирија). Во мај 1942 г. е вратен во Москва како соработник во Одделот за печат при ИК КИ – коментатор за Грција, соработник на „Б• летин ИК КИ”, „БолÏшевик”, „Правда” и дописник на в. на МНС „Народна воля” (САД) и на други весници. Од јануари 1943 г. е претставник на македонскиот народ во Сесловенскиот комитет, а од следниот месец е член на Југословенската секција на овој комитет и настапува на пленумите и митинзите во прилог на антифашистичката борба на Македонија и за обединување во рамките на Балканска федерација. На Второто заседание на АВНОЈ е избран за негов потпретседател (1943) и на 15. Ⅰ 1944 г. моли да му се дозволи да отпатува за да го заземе своето место. На 5 октомври 1944 г. ја напушта Москва (со син му Густав) и преку Крајова стигнуваат во Белград и потоа во Македонија. Делегат е на АСНОМ и член на неговиот Президиум. Зазема високи државни функции. Член-советник е во Југословенската делегација на Париската мировна конференција. Главно поради ставот за обединувањето, обвинет е за дејност во „антипартиска група” и испратен во Белград, каде што и умира. БИБ.: Борбите на македонскиот народ за освобождение, Виена, с. а.; Изменниците на македонското дело, Прага, 1926; Македонската народноослободителна борба, Скопје, 1946; Говори и статии 1945-1947, Скопје, 1947; Одбрани говори и статии 1934-1947, Скопје, 1948; Формирањето на македонската нација и македонскиот јазик, Детроит-Мичиген, 1948; Македонија и Младотурска, Белград, 1949; Кроз хисторију македонског народа, Загреб, 1949; Македонија. Моменти од историјата на македонскиот народ, Скопје, 1950; Мемоари. Предговор и редакција Ванѓа и Коле Чашуле, Скопје, 1970. ИЗВ.: АВПРИ, Москва, ф. Славянский стол, д. 8179, 1914, лл. 1–15; РГАСПИ, 495–73–117; „Славяне”, Москва, 1942–1943; Владо Поповски, Ленина Жила, Македонското прашање во документите на Коминтерната, И–Ⅱ, Скопје, 1999. ЛИТ.: Густав Влахов, Спомени за татко ми, Скопје, 1968; Христо Андоновски, Бо-рец и публицист. Осумдесет години од смртта на Димитар Влахов, “Просвета”, ⅩⅤⅠ, 325-326, Скопје, 19. Ⅳ 1971. 12–13. Бл. Р. и С. Мл.