ВИШНА

Цвет и плод од вишна (Прунус церасус Л.)

ВИШНА (Прунус церасус Л.) – плодовито овошно дрво. Во Република Македонија се одгледува во сите реони со надморска височина до 1.100 м. До седумдесеттите години од ⅩⅩ в. беше споредна култура, со 200-300 т годишно производство. Првата плантажа со облачинска вишна (на 20 ха) е посадена во Битолско (1970). Набрзо се увидоа големата родност и рентабилноста на оваа вишна, која нагло се прошири во сите реони. Производството го достигна максимумот од 11.450 т (1986– 1987). Последниве години производството изнесува меѓу 6.000– 7.000 т годишно. Речиси целото количество се извезува како замрзнати плодови и конзервирано во алкохол. Б. Р.