ВИСУЛЧЕВА, Кераца Николова

(с. Нестрам, Костурско, Егејскиот дел на Македонија, 7. Ⅳ 1910 – Скопје, 13. Ⅰ 2004) – академска сликарка и скулпторка. Уште тригодишна во воениот бран (1913) со родителите е префрлена во Бугарија. Се школувала во Бургас, а во 1929 г. се запишала на Државната художествена академија во Софија. Веднаш по дипломирањето (1935) учествувала на првата изложба и ја добила првата награда и членство во Сојузот на уметниците на Бугарија. Работела како практикант во Ⅲ софиска гимназија, а по завршувањето и на Педагошката академија (1940) станала учителка по селата во Пиринско, а во 1941 г. (по нејзина желба) учителувала во Женската гимназија во Скопје и учествувала на групни изложи со македонските уметници. По егзодусот на Евреите во Македонија (1943), се враќа со семејството во Бугарија и 55 години живее и работи во Пловдив. За учеството на иложбата на бугарската современа уметност во Државната уметничка галерија (1945) го добила највисокото признание „Св. Кирил и Методиј”. Но поради манифестациите на националната ориентација, во 1958 г. била исклучена како „неблагонадежна” од Сојузот на бугарските уметници и веќе немала право ни да учествува на изложби, ниту пак да набавува сликарски материјали. По пензионирањето (31. Ⅷ 1961) повеќепати патувала во Франција, учествувала на многу изложби во Западна Европа и добивала високи награди и признанија. Во 1989 г. е вратена во членството во Сојузот на бугарските уметници, но пак без право да учествува на изложби. По организирањето на изложбата „Современата графика во Македонија” во Пловдив (1992), се запознала со организаторите, а потоа и со претседателот на РМ  К. Глигоров и направила постапки за враќање во својата татковина. Добила македонско државјанство (27. IX 1994) и на 1. Ⅻ 1995 г. се преселила во Скопје, заедно со целокупното зачувано сликарско дело (348 платна), завештано на РМ. На 7. Ⅷ 2002 г. во Музеите на Македонија е отворена првата самостојна изложба (36 изложени слики), а на 5. Ⅵ 2003 г. во салонот на МАНУ е организирана импозантна изложба од 77 платна (портрети, пејзажи, актови и др., работени во перодот 1933-1995), со монографски каталог од д-р Соња Абаџиева. Според нејзина желба, на 10. IX 2005 г. е отворена постојаната Спомен-музејска поставка во Ресен „Кераца Висулчева (1910-2004)”. Така е исполнето и нејзиното завештание: „Родена сум во Македонија, од дедовци и прадедовци Македонци и сакам да умрам во Република Македонија”. ЛИТ.: Соња Абаџиева, Кераца Висулчева
Кераца Висулцева, МАНУ, Скопје, 2005; Блаже Ристовски, Уметникот и македонскиот патриот Кераца Висулчева, „Современост”, 52/2, Скопје, 2004, 80&85. Бл. Р.