ВЕСКОВИЌ-ВАНГЕЛИ, Вера

(Велес, 1. Ⅻ 1933 – Скопје, 14. Ⅲ 2007) – историчар. Дипломирала општа историја на Филозофскиот факултет во Скопје (1958). Извесно време работела како професор, а потоа до пензионирањето во ИНИ во Скопје (1960-1998). Докторирала на Хумболтовиот универзитет во Берлин (1974) на тема „Влијанието на германското пролетерско женско движење во југословенските земји од 70-тите години на ⅩⅠⅩ век до крајот на Првата светска војна”. По изборот за научен советник (1984), била претседател на Сојузот на историските друштва на Македонија (1987) и проректор за меѓународни односи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1994/5-1996/7).
БИБ.: Самостојните феудални владетели во Македонија, Скопје, 1963; Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и Револуцијата 1941–1945, (со коавтор), Скопје, 1976; Жената низ револуцијата до социјализам, Скопје, 1977; Жената во Револуцијата на Македонија 1941–1945, Скопје, 1982; Осми март и напредното движење на жените во Македонија (1939–1945), Скопје, 1985; Евреите во Македонија во Втората светска војна. Зборник на документи (со коавтор), Скопје, 1986; Жената во ослободителните борби на Македонија (1893–1945), Скопје, 1990; Француската револуција и Крушевскиот манифест 1903, Скопје,1993; Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија (1943–1945). Зборник на документи, Скопје, 1994; Президиумот на АСНОМ – Записници, Скопје,
1994; Борбата за независна македонска република од Илинден до АСНОМ, Скопје,
1995; Жената во вителот на антагонизмот и традицијата, Велес, 1999; Досие Брашнаров, Скопје, 2003. ЛИТ.: 50 години Институт за национална историја 1948-1998, Скопје, 1998, 135-141.
С. Мл.