ВЕРСКО ПОВЕРЕНСТВО при Главниот штаб на НОВ и ПОМ

(1943) – формирано на 11. Ⅹ 1943 г. во с. Црвена Вода (Охридско). На 15. Ⅹ 1943 г., со наредба командантот Михајло Апостолски, свештеникот од Дебар Вељо Манчевски бил назначен за прв верски референт. Сите негови наредби и решенија биле задолжителни за свештениците и црковните општини на ослободената територија. Со формирањето на верското поверенство, македонското свештенство не само де фацто, туку и де иуре ја отфрлило туѓата црковна власт и се создавала македонска црковна организација. Верскиот референт ги известил сите свештеници во Македонија дека престануваат законите на бившите окупаторски власти, се прекинуват врските со верските установи надвор од Македонија, а матичните и другите книги да се водат на македонски јазик. ЛИТ.: Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје,  1989; Доне Илиевски, Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода, Скопје, 1987.
Рат. Гр.