ВЕЛИГДЕН

Воскресението Христово, фреска од црквата „Св.Софија Охридска“, детаљ (XI в.)

ВЕЛИГДЕН (ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО) -. најголем и најстар подвижен христијански празник во спомен на Христовата смрт и воскреснувањето. Се празнува од Ⅱ в. Тој е суштината на христијанството, зашто, според апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше и нашата вера“. Затоа на Велигден се пее: „Христос воскресна од мртвите, / со смртта смртта ја победи / и на оние во гробовите / живот им дарува.“
Велигден е центар на повеќе празници, познати како непостојани или како циклус Велигденски празници (Прочка, Тодорова сабота, Спасовден, Преполовение, Духовден, Сисвети и др.). Нивните датуми се менуваат и се определуваат откако ќе биде утврден денот кога ќе биде Велигден.
Постојат повеќе обичаи и верувања поврзани со празникот и со деновите што му претходат, особено со Великата или Страстна недела, кога се прават последните подготовки. Тогаш не се пеат песни, освен црковни. Ако умрел некој во страстната недела, се сметал за многу праведен. На Велики вторник се подготвувале јајцата за вапцување. (Се одбирале пресни јајца за да биде пресен и зародокот.) На Велика среда навечер се зачадувала стоката со билки со магиска моќ, како што се здравецот, копривата, вратиката, млечката и сл. Се верувало дека зачадената стока е заштитена од разни несреќи.
Со обичаи и верувања е исполнет и Велики четврток (Величетврток), кога се вапцуваат велигденските јајца. Тоа се прави рано наутро, пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека подоцна вапцаните јајца ќе се расипат. Јајцата ги вапцува домаќинката, откако нешто ќе јаде, барем еден залак, зашто ако тоа го прави на гладно срце, може јајцето да ја разбие и таа да се разболи, а ако таа го разбие, тоа ќе ја загуби магиската моќ. Јајцето првак се става во сито покриено со црвен (алов) појас или ткаенина и се обесува на дирекот на куќата или на друго место, за да го огреат првите сончеви зраци.
Велики петок уште се вика и Велипеток или Распет петок, зашто на тој ден е распнат Исус Христос. Тогаш не се работи, дури и не се готви. Како строг пост или пост на вода, луѓето сочувствуваат со распнатиот Исус. Во црквата се оставаат дарови на Распетието и цвеќе на Плаштеникот. Во црквите се изведува обичајот симболично погребување на Исус. Вечерта спроти Велигден луѓето одат во црквите, каде што ја слушаат литургијата и ја очекуваат радосната вест за воскреснувањето на Исус. Убаво облечени, утрото децата одат по куќите и го честитаат празникот, за што добиваат црвени јајца. Посебна радост претставува кршењето (кршкањето, к’цањето) со јајцата. Утрото и младоженците одат на честитање кај роднините, а девојките и ергените се подготвуваат за на оро.

Распетие Христово, Галерија на икони Охрид (ⅩⅠⅠⅠ в.)

Јајцата обично се вапцуваат со црвена боја, бојата на Христовата крв. Поретко се вапцуцаат и со други бои (зелена, сина), а било обичај да се шараат со разни техники: со листови од растенија, со срма, мониста, восок итн. На јајцата се пишувале разни пораки: „Христос воскресе“, „Честит Велигден“ и сл. Во минатото било обичај христијаните да им праќаат велигденски јајца на Турците, кои тој подарок многу ги радувал. ЛИТ.: Наум Целакоски, Дебарца – обреди, магии и обредни песни, Скопје, 1984; Марко Китевски, Македонски празници, Скопје, 2000; Зорка Делиниколова, Обичаи сврзани со поедини празници и неделни дни во Радовиш, „Гласник на Етнолошки музеј“, 1, Скопје, 1960; Вера Кличкова, Велигденски обичаи во Порече, „Гласник на музејското-конзерваторско друштво на НР Македонија“, Скопје, 1959; Српски народни обичаји у –ев—елиској кази, прикупио и описао Стефан ТановиÊ, учитељ, Београд, 1927. М. Кит.