ВЕЛЕСКИ-ГОРАНОВ, (ЛЕВАТА), Борка Јованов

ВЕЛЕСКИ-ГОРАНОВ, (ЛЕВАТА), Борка Јованов (Прилеп, 1912 – месноста Сечење на пл. Мукос, 14. IX 1942) – национален деец и народен херој од НОАВМ. Како синдикален активист бил организатор на едномесечен штрајк на монополските и на занаетчиските работници во Прилеп (1938), а како член на КПЈ (1940), бил еден од организаторите на НОАВМ во Прилепско и командир на чета на НОПО „Димитар Влахов” (од мај 1942). Загинал во борба со бугарската фашистичка војска и полиција. Зачувана е неговата необјавена едночинка „Кољо Воденичарот”, напишана за потребите на одредот. Опеан е во македонската народна песна „Заплакала е гората”. Прогласен е за народен херој на Југославија (20. Ⅻ 1951). ЛИТ: Од борбата, Народни песни, Собрал и редактирал Блаже Конески, Скопје, 1947, 20; Коце Солунски, Велевски Јован Борка–Левата, Горанов (1912-1942), Народни херои од Македонија, НИК „Наша книга”, Скопје, 1971, 76-81; За смрт сите сме спремни. Автори на оваа песна се седуммина партизани. Ја запишал и конечно ја оформил Борка Велески–Левата, во септември 1941 година, „Нова Македонија”, ЏЏЏВИ, 12113, Скопје, 11. Ⅹ 1980, 3; Д-р Симо Младеновски, Македонските народни песни за НОБ и Револуцијата, НИК „Наша книга”, Скопје, 1983; Прилеп и Прилепско низ историјата, книга вто
ра, Прилеп 1972, 174; Кочо Урдин, Првата партизанска песна во Македонија, „Нова Македонија”, 30. Ⅳ и 2. Ⅴ 1961; Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900&1944. Истражувања и материјали, И, Скопје, 1980, 427-429. С. Мл.