ВАСИЛ ГЛАВИНОВ – ВЕЛЕС (1969) – спомен-куќа

„ВАСИЛ ГЛАВИНОВ” – ВЕЛЕС (1969) – спомен-куќа со постојана поставка на амбиентално уредена изложба посветена на дрводелскиот работник и социјалист Васил Главинов (в.). Неговата родна куќа, претворена во меморијален музеј, е репрезент на велешката градска архитектура, со карактеристично приземје и кат со широк чардак. Во дел од приземјето е уредена дрводелска работилница, опремена со столарски алати од времето во кое живеел. На левата страна од чардакот се наоѓа градската гостинска соба, со миндер покрај прозорците, послан килим на подот, бакарен мангал и полици со бакарни садови. На катот се наоѓа и кујна со ѕидано огниште и соодветна покуќнина од времето во кое живеел. Десно од чардакот се двете меѓусебно поврзани простории наменети за постојаната поставка. На 29 паноа со 139 фотографии и документи, презентирани се неговиот живот и дело.
К. Бог.