ВАРДАР – спортско друштво во Скопје

ВАРДАР” – спортско друштво во Скопје, формирано како Фискултурно друштво на чело со Димче Беловски (20. Ⅶ 1947), со секции за: општофизичко образование (гимнастика), атлетика, велосипедизам, кошарка, одбојка, пинг-понг и фудбал. Во наредната година секциите прераснале во клубови. Биле основани и други спортски клубови за: бокс и пливање (1948), хокеј (1958), борење (1960), ракомет (1961), џудо и карате (1967), куглање (1974), автомото спорт (1978), уметничко пливање (1980), стрелаштво, шах (1985) и др. Тие учествувале во републички, а некои и во сојузни и меѓународни системи на спортските натпреварувања. Друштвото поминало низ неколку периоди во својот развој. Зависно од општествено-политичките состојби, материјалните, кадровските и другите услови, резултатите на Друштвото и на неговите клубови доживувале подеми и падови. ЛИТ.: Со фузија на „Победа” и „Македонија” се основа ново фискултурно друштво „Вардар”, „Нова Македонија”, 22. Ⅶ 1947, 7; Прва конференција на СД „Вардар” – Скопје, Скопје, 1973; Четири децении на ФК Вардар, Скопје, 1988. Д. С.