ВАРДАР – МАШКИ ХОР

(Скопје, 1907–1941) – најстар машки хор во Скопје, основан (1907) во времето на Турската Империја од чешкиот воен капелник Јан Морман, кој во Гимназијата предавал музика (1906–1909). Српскиот композитор и диригент Пера Ж. Илиќ (1868–1957) бил вториот диригент на овој хор, направил реорганизација на хорскиот ансамбл, оформил Статут и Правила за работа, одобрени од турската власт. Истовремено основал и Нижа музичка школа (1910) за музичко описменување на хористите и граѓаните на Скопје. Овој хор П. Ж. Илиќ го раководел во годините 1909-1912 и 1919-1922. Концертниот репертоар бил мошне богат. Меѓу професионалните диригенти што го раководеле хорот се: С. Красовски, Ј. Плецити, Ј. Брнобиќ, Ал. Залиев, Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски. Ј. Т.