ВАНГЕЛОВ, Атанас

ВАНГЕЛОВ, Атанас (с. Богданци, Гевгелиско, 6. Ⅱ 1946) – писател – поет, раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист, преведувач, публицист, научен работник, универзитетски професор по теорија на литературата. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје на Катедрата за југославистика. Тема на магистратурата: Артизмот и современата македонска литература (1977), а тема на докторската дисертација му е: Семантичките фигури во македонската народна поезија (1982). Вработен е на Филолошкиот факултет во Скопје како редовен професор по Теорија на литературата. Ги предава уште предметите: Нова хрватска литература, Стилистика, Стилистика и реторика и Историја на југословенските литератури. Бил продекан и декан на Филолошкиот факултет во Скопје; бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата и пратеник во Народното собрание на Република Македонија (1994-1998), кога е член и на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур. Од 2004 г. е амбасадор на Република Македонија во Унгарија. Член е на ДПМ од 1967 г. Престојувал повеќепати во Франција на студиски престој и како лектор по македонски јазик и литература на Парискиот универзитет. За своите заслуги во ширењето на француската култура во Република Македонија е одликуван (1995) од Француската влада со орденот Офицер на универзитетски палми. БИБ.: Земјата на цветот, поезија, 1966; Препев на планината, поезија, 1970; Живеалиште, поезија, 1974; Глетки и привиденија, поезија, 1977; Песме/Песни, поезија, 1978; Строго доверливо, поезија, 1985; Траги, поезија, 1991; На безгласје глас, поема, 1994; Гласови и траги, поезија, 1995; Водопад, поезија, 1998; Див занес, роман, 2002; Мистер Порфирие, ТВ-драма, 1971; Неодредени лични заменки, драма, 1986; Артизмот и современата македонска литература, теоретска расправа; Литературни студии, критики, 1983; Решето, критики, 1985; Семантичките фигури во македонската народна лирика, фолклорна студија, 1987; Преписите на Божин Павловски, литературна полемика, 1992; Микрочитања, исказот и стварноста, литературна полемика, 1995; Морфологија на бо(љ)шевизмот, литературна полемика, 1998; Про ет контра – македонизми, 1998; Македонски писатели, критички портрети, 2004. Преводи: Цветан Тодоров, Поетика, 1990; Спроти екстремноста, 2000; Одродениот човек, 2001; Должности и наслади, 2004; Енциклопедиски речник на науките за јазикот од Дикро и Цв. Тодоров, 1994. Кр. Ник.